Историјат, визија и мисија

По ослободувањето Президиумот на АСНОМ во 1944 година донесе “Решение за установјавање на Државната здравствена служба”, со кое во најкратко време мораше да се формираат државни здравствени установи.

Така на 01.04.1945 откако се создадоа соодветни услови, со акт беше формирана Здравствена станица во Ресен. Здравствената станица во Ресен својата активност ја започна во многу скромни кадровски и просторни услови. организирана како амбулантската дејност.Честа да бидат први доктори во Ресен, во новоослободената Македонија им припадна на доајените на ресенското здравство Др. Панде Црцар и др Ѓорги Стрезовски. Својата работа ја започнаа во скромни услови со многу скромна апаратура, во просториите на бившата антималарична станица , во “баната”, Др. Панде Црцар,беше задолжен за преглед на возрасните, а Др. Ѓорги Стрезовски за преглед на децата.

Поради зголемениот обем на работа, во просториите на бившата антималарична станица, не можеше да се организира соодветна здравствена заштита на населението, поради што се јави потреба од изградба на нова амбуланта. Во наредните години на локацијата јужно од центарот на градот, наспроти денешниот пазар се изгради новата здравствена станица. Тоа беше типска зграда за здравствена станица со поголем комодитет за работа, на еден спрат. На приземјето имаше просторија за преглед на возрасни, амбуланта за деца, и соба за преврски тн. превијалиште , просторија за забоздравствена заштита, забна лабораторија и лабораторија за основни анализи на крв и урина, а ходникот служеше како чекална, додека управничката канцеларија ја користеше и шефот на финансовата служба, додека другите службеници од администрацијата беа сместени во друга зграда во непосредна близина.

Во 1956 година во една национализирана зграда во близина на тогашниот пазар, во центарот на градот, беше формиран родилниот дом. Зградата на родилниот дом не беше многу функционална, во неа на приземјето имаше чекална , соба за прегледи и една соба за гинеколошки болни, а на спратот по високи скали се стигнуваше во родилната сала со две соби за родилки со вкупно 6 кревети. Во дворот имаше сопствена кујна и перална.

 

Во 1957 со помош на општинските власти и Комитетот на КПМ и Заводот за социјално осигурување, беше изграден уште еден спрат над здравствената станица, со што Здравствениот дом се здоби со нови работни простории во кои администрацијата доби свое место, и не беше надвор од здравствената станица. а во другите соби се формира таканаречени специјалистички амбуланти и тоа: просторија за рендген (каде беше монтиран апарат "Моравица" од Ниш), и простории за прегледи на очи и ОРЛ (уши, нос, грло), другите простории во одредени периоди беа користени за повеќе намени. Во 1960 година во просториите спроти пазарот беше отворен стационар во кој беа лекувани полесните болни. Поради промените на законските прописи, набрзо истиот беше укинат. На спратот две простории беа користени за дежурните лекари и сестри и од лабораторијата.

Во 1961 Министерството за здравство преку Републичкиот завод за здравствена заштита на жени и деца, одобри материјални средства за за изградба на нов родилен дом и пунктови во с. Крани и с. Стење. Родилниот дом беше изграден како депанданс на северната страна од зградата на здравствениот дом. Во приземјето од депандансот се пресели педијатриската служба, а на спратот се смести родилниот дом. Родилниот дом имаше чекална, соба за прегледи и интервенции , две соби за гинеколошки болни, родилна сала, три соби со девет кревети за родилки и лекарска соба.

Во 1961 год во зградата на старата општина беа адаптирани неколку простории во кои започна со работа здравствената станица во с.Љубојно.

Во 1983 година со самодопринос од локалното население и околните села во Љубојно беше изградедена нова амбуланта, на влезот од селото.

Како резултат на Интензивниот развој на здравствената заштита во Преспа Се јави потреба од изградба на нов здравствен дом. Со помош на Министерството за здравство и Локалната самоуправа се обезбедија средства и на несреќно избрана локација над киното во Ресен во 1984 година се изгради новиот здравствен дом.

ЈЗУ Здравствен Дом Ресен е формирана од Владата на Р.М преку ресорното Министерство за Здравство.Работи во договор со Фондот за здравствено осигурување на Р.Македонија. Во рамките на нејзините дејности на околу 17.000 жители на нашата Општина им пружа соодветна здравствена заштита. По својата структура и екипираност нашата установа се вбројува во една од најекипираните здравствени домови во нашата држава.

Во нејзин состав работат:

-Службата за итна медицинска помош

-Одделот за превентивна здравствена заштита на предучилишни и училишни деца

-Одделот за превентивна стоматолошка заштита на предучилишни и училишни деца

-Одделот за специјалистичко-консултативна здравствена заштита

-Биохемиска Лабораторија

-Одделот за Рентген и ехо дијагностика

-родилна сала

-поливалентна патронажна служба

-депо за лекови

-економско-финансиски оддел

HPIM1649 HPIM1650 HPIM1651 HPIM1652